светска царинска војна

Кина воведува реципрочни царини за јаглен и течен природен гас од САД

04.02.2025 11:01

Европската унија е подготвена и да одговори и да води конструктивен дијалог – Брисел со порака до шефот на Белата куќа, Доналд Трамп. Пекинг веќе повлече потег, Кина воведува царини за јаглен, нафта и течен природен гас од САД. Мексико и Канада засега можат да здивнат, американските царини се пролонгирани за еден месец…

Двете најголеми светски економии, САД и Кина во трговска војна. Откако шефот на Белата Куќа воведе царини од дополнителни 10 насто за кинески производи, Пекинг од 10 февруари возвраќа со тарифи од 15 проценти за американски јаглен и течен природен гас, 10 насто за сурова нафта, земјоделска опрема, некои автомобили и отвора анти монополска истрага за „Гугл“.

„Веруваме дека ова е во спротивност со правилата на Светската Трговска Организација. Затоа Кина поднесува жалба. Исто така, свесни сме дека можеби ќе бидеме принудени да преземеме контрамерки. И да нагласам дека во трговска војна нема победник“, изјави Фу Конг, амбасадор на Кина во ООН.

Американскиот претседател Трамп ги паузираше за 30 дена најавените такси од 25 насто за производи од Мексико и Канада, откако двата најголеми трговски партнери на САД најавија мерки за граничната безбедност и криумчарењето дрога. Назначени се тимови за преговори.

„Имав одлични разговори со Мексико. Тие се согласија да стават 10.000 војници на нивната страна и да спречат фентанил и нелегални вонземјани да дојдат во нашата земја. Се согласивме да разговараме и да разгледаме разни други работи. Сè уште не сме се договориле за тарифите“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

„Многу е важно што тарифите се паузирани за да ни се овозможи да работиме, да преговараме, да ја препознаеме важноста на договорот за слободна трговија и во таа рамка да продолжиме да го зајакнуваме нашиот развој“, рече Клаудија Шејнбаум, претседателка на Мексико.

„За мене, тоа не е целосна победа. Сè уште мислам дека г. Трамп сака да ја нападне Канада. Тој кажа изминатата недела, да не беа Соединетите Држави, Канада немаше да биде остварлива земја. Страшно е да се слушаат такви работи. Затоа, мора да бидеме подготвени на секакви сценарија со овој човек“, изјави Франсоа Лего, премиер на Квебек.

Шефот на Белата куќа претходно се закани дека ќе воведе царини и за ЕУ.

„Очигледно има нови предизвици и растечки несигурности, така што Европската унија е подготвена за силен, но и конструктивен дијалог со САД“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

За економските тензии меѓу Брисел и Вашингтон, во Полска дебата на министрите за трговија од блокот.

 

Маријана Димовска