Сообраќајката во која загина Фросина, сторена со умисла
Обвинителството ќе го гони 20-годишниот возач кој ја усмрти младата Фросина за кривичното дело – сообраќајна несреќа со умисла, најтешко во областа на безбедноста во сообраќајот. За ова е запретена затворска казна од четири до 20 години, објаснуваат адвокати за МТВ.

Обвинителството оди со реална правна квалификација за сообраќајната несреќа во која беше усмртена Фросина Кулакова, дека Васил Јованов умислено постапувал кога влегол во автомобилот, без возачка дозвола и во алкохолизирана состојба во момент кога истиот не требал да се наоѓа во сообраќајот и прекршува некои одредби со кои умислата не може да се исклучи, објаснува за МТВ адвокатот Еленко Миланов.
На Јованов му се закануваат најмалку 4, а најмногу 20 години затвор согласно со одредбите од кривичниот законик. Праксата според Миланов, досега покажува дека во ваквите случаи со смртни последици, се изрекуваат високи казни.
При изрекување на казната Судот предвид ќе ги има и сите околности, но и фактот дека Јованов претходно имал сторено неколку кривични дела кои поминале со прекршочна постапка и препраќање во казнено воспитна установа, вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Според него врз Јованов не влијаеле воспитните мерки, затаиле и институциите и неговите родители.
Адвокатите на став и дека делови од правниот систем не функционираат, а тоа резултира со голема разлика во казните за сторено ист прекршок, но сметаат дека без разлика на притисокот од јавноста, Судот треба да донесе реална одлука врз основа на казнените одредби.
Викторија Милевска
