Унијата бара трајно решение за медицинските лица со договор на дело
Ем нема кадар, ем нема вработување. Унијата бара трајно решение за медицинските лица – договорци на дело...

Итно вработување на медицинските сестри кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување – бара Унијата. На стотици им се прекинати договорите за работа на дело. Иако ќе продолжат да работат, финансиска согласност за исплата на јануарската плата нема. Бараат системско решение на проблемот – да нема вработување со договор на дело, со оглед дека станува збор за дефицитарен кадар. Досега реагирале на слабостите, се вработувале луѓе однадвор, наместо веќе ангажираните.
„Овој профил на сестри вака да не се ангажира вака да не се ангажира во болниците со оглед на тоа дека сме премногу дефицитарни, со оглед на тоа дека одливот е масовен по сите основи, ова е нешто со кое ги повредувате сестрите кои сакаат да работат. Шест или седум години да работите во болниците без придонеси тоа значи дека сакате да работите а не дека морате да работите“, изјави Гордана Бешлиоска – Унија на медицински сестри „За нас“.
Здравствените власти велат има согласност да се продолжат договорите на дело на сите медицински сестри и веќе се доставуваат до здравствените установи. Конкурсите за редовно вработување ќе бидат објавени во април.
„И Фондот ги има потпишано и во соработка со финансии ги обработуваат и дел по дел стигнуваат и затоа не се стасани кај сите. Во некои здравствени установи веќе се добиени согласностите, очекуваме до крајот на наредната недела ќе им бидат поделени на установите“, изјави Јовица Андоновски – заменик – министер за здравство.
Ако според сите анализи на земјава и недостасуваат речиси 50 проценти од сегашно ангажираните медицински сестри и техничари, од унијата велат – тогаш сите раскинувања на договорите изгледаат несериозно.
Во наредниот период се очекува да се објават конкурсите за редовно вработување на околу 1.100 работници кои во здравствениот систем со години работат со договор на дело.
Андријана Ѓурческа
