Економија

Мицкоски: Треба да има интервенции во минималната кошница

04.02.2025 15:17

Не е точно дека сме отфрлиле каков било предлог за раст на минималната плата, вели премиерот, откако синдикатите и работодавачите кажаа дека не постигнале договор со Владата на социоекономскиот совет. Што се однесува до измената во методологијата за пресметка на минималната синдикална кошничка Мицкоски рече дека нема логика да се пресметуваат цигари и луксузни производи...

Не е точно дека сме отфрлиле каков било предлог за раст на минималната плата, вели премиерот, откако синдикатите и работодавачите кажаа дека не постигнале договор со Владата на социоекономскиот совет. Според Мицкоски, на последниот состанок, ниту нешто се прифатило, ниту се одбило, оти составот не бил комплетен.

Дијалогот за повисока минимална плата ќе продолжи. Работниците бараат газдите да се откажат од дел од профитот, бизнисот пак бара трошоците за дел од приходите да ги покрие државата, што за премиерот е невозможно.

Според пресметката на ССМ, минимална плата земаат 25.000 работници, а под просекот нешто повеќе од 10.000 граѓани.

Што се однесува до измената во методологијата за пресметка на минималната синдикална кошничка премиерот Мицкоски рече дека нема логика да се пресметуваат цигари и луксузни производи.

„Јас во месец јануари, простете, цигари не пушам, не испив лименка нескафе од 250 грама, не изедов ниту една цреша, не знам како изгледаат праски и кајсија, ниту пак диња и лубеница, ниту пак грозје, така што ценам дека тука треба да има интервенции“, изјави премиерот Мицкоски.

Колку за споредба, во јануари, во споредба со истиот период мината година, потрошувачката кошница поскапела за 100 евра.

 

Борис Грујоски