Куманово

Кумановскиот суд врши тортура врз мојата мајка и ја држи во притвор без причина

04.02.2025 18:24

„Врз мојата мајка се врши тортура“ – обвини ќерката на Лидија Трајковска, градежната инспекторка од Куманово уапсена за примање поткуп. Го прекина молкот и се охрабри јавно да зборува за незадоволството од досегашниот тек на постапката во судските институции. Реагира бидејќи не се прифатени гаранциите и не се дозволува домашен притвор иако има здравствени проблеми. Од кумановското обвинителство велат дека изречените мерки се неопходни.

Од ден на ден прекинува молкот за водењето судски постапки. Да зборува јавно за процесите овој пат се охрабри семејството Трајковски од Куманово. Ќерката на Лидија Трајковска, градежната инспекторка од Куманово уапсена за примање поткуп, незадоволно од досегашниот. Реагира бидејќи не се прифатени гаранциите и не се дозволува домашен притвор. Ги обвини институциите за тортура. Вели дека нејзината мајка има сериозни здравствени проблеми. По трет пат е продолжен притвор поради можно влијание на сведоци и бегство, а досега бил сослушан само еден сведок.

„Судијата 3 пати, незаконски го продолжува притворот и наместо мерката притвор да се користи како превентивна мерка во овој случај се користи како казнена мерка. Сите наши жалби и молби се држат со денови и недели и се манипулира со времето иако се работи за притворски предмет за кој по закон треба да се одлучува итно. Кумановскиот суд сето тоа го заташкува и донесува одлука во нечиј личен интерес, а не во интерес на законот. Веќе 4-ти месец го крши законот и врши тортура врз мојата мајка и нашето цело семејство. Дали ова е начин да се прикрие вмешаноста на некој од судиите и дали се плашат дека ќе излезе и изнесе некои информации ако биде пуштена во куќен притвор“, изјави Нена Трајковска, ќерка на осомничената, на прес-конференција пред кумановскиот суд.

Од Основното јавно обвинителство од Куманово велат дека поради сериозноста на кривичното дело, одлучиле дека мерката притвор е неопходна. Со досегашната истрага велат се преземени потребните дејствија за обвинителниот акт да биде издржан.

„Сослушан беше оштетениот како најбитен сведок да ни потврди околу дејствијата на обвинетата додека во однос на полициските службеници тие се предложени да бидат сослушани како сведоци во рамки на главната расправа така што во оваа фаза од постапката сите докази сметам дека се доволни“, изјави Зоран Марковски, обвинител на предмет ОЈО Куманово.

Судењето против инспекторката од Општина Куманово треба да започне следната седмица.

Инспекторката беше уапсена на 1-ви ноември лани, откако зела обележани пари во ресторан, за наводно да не запре градба на инвеститор.

 

Елена Георгиевска