Десетмина загинати во вооружен напад во Шведска
Полицијата потврди дека напаѓачот е меѓу загинатите. Според првичните наводи, мажот дејствувал сам. Се истражуваат мотивите...

Најмалку 10 лица се убиени, а неколкумина ранети во пукање во училиште за возрасни, сместено во кампус во градот Оребро, централна Шведска.
Полицијата потврди дека напаѓачот е меѓу загинатите. Според првичните наводи, мажот дејствувал сам. Се истражуваат мотивите.
„Бевме сведоци на брутално, смртоносно насилство врз невини луѓе. Ова е најлошото масовно пукање во шведската историја. Многу прашања остануваат неодговорени, а ниту јас не можам да ги дадам тие одговори. Но, ќе дојде време кога ќе знаеме што се случило и кои се мотивите“, изјави Улф Кристерсон, премиер на Шведска.
Во училиштето каде што се случи нападот се нудат курсеви за основно и средно образование, како и часови по шведски јазик за мигранти, стручна обука и програми за лица со интелектуална попреченост.
