Промоција на „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески
Во галеријата „Метаноја“ во Скопје вечерва со почеток од 19 часот ќе се одржи промоција на збирката илустрации и текстуални минијатури „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески...

Во галеријата „Метаноја“ во Скопје вечерва со почеток од 19 часот ќе се одржи промоција на збирката илустрации и текстуални минијатури „Метафора – жито, какол и парчиња стакло“ од Марко Трпески. На промоцијата ќе говорат академик Влада Урошевиќ и Оливера Ќорвезироска, а промоцијата на книгата ќе биде збогатена со изложба на дигитални графики од циклусот „Метафора“.
„Станува збор за уште еден спој меѓу визуелната и книжевната уметност преку кој Трпески ги поканува читателите во својот креативен универзум. Оваа книга, своевидно продолжение на неговото дебитантско дело „Метафора – поглед зад огледалата“, нуди нови психолошки длабочини и надреалистички израз“, вели Трпески за неговото најново дело.
Марко Трпески (1990, Скопје) е визуелен уметник и графички дизајнер со посебен фокус на книжевната илустрација. Добитник е на неколку награди за најдобар дизајн на корица на книга. Предавач е во областа на дигиталната илустрација, основач на креативното студио „Метафора“ и еден од основачите на неформалниот колектив за колаж „Скопје колаж колектив“. За себе вели дека е хобистички трагач и несертифициран, но страстен собирач на метафори.
