Осум земји кандидати за Евробаскет 2015

01.08.2014 14:57

ФИБА Европа објави дека рекорден број земји поднеле официјална кандидатура за организација на претстојниот Евробаскет во 2015-та. Хрватска, Финска, Франција, Германија, Израел, Летонија, Полска и Турција сакаат да бидат домаќини на собириот на најдобрите кошаркари на континентот.

Во средината на јуни, новоформираниот Борд на ФИБА Европа донесе одлука да и ја одземе организацијата на Украина поради безбедносната состојба во земјата. Првично, 16 земји покажаа интерес да се кандидираат, а европската куќа на кошарката конечната одлука ќе ја донесе во септември годинава. Евробаскетот ќе биде одржан во истиот месец во 2015, од 5-ти до 20-ти.

Квалификациите се претстојниот август, а македонската репрезентација е во група со Белгија, со Белорусија и со Данска. Првиот натпревар е во арената „Борис Трајковски“ во Скопје на 10-ти против Белгија. Потоа трипати ќе гостуваме, на 13-ти со Данска, на 17-ти кај Белорусија и на 20-ти во Белгија. Циклусот ќе го завршиме со два домашни меча, најпрво на 24-ти август со Данска, а три дена потоа и со Белорусија. На Европското првенство првпат ќе учествуваат 24 репрезентации, а за пласман Македонија треба да биде меѓу првите два национални тима во групата. Во тој случај четвртипат по ред, а вкупно петти ќе бидеме дел од самитот на најдобрите евроселекции.