Меѓународната заедница против плановите на Трамп за Газа
Американскиот претседател Трамп предлага САД да ја преземат контролата врз Појасот Газа, а Палестинците трајно да се преселат во соседните земји. Израелскиот премиер Нетанјаху на средбата со шефот на Белата куќа истакна дека САД и Израел ќе ја добијат војната заедно. Меѓународната заедница остро ги отфрла предлозите за раселување на палестинското население…

Американскиот претседател Трамп предлага Појасот Газа да биде под американска контрола, а Палестинците трајно да се преселат во соседните земји. Шефот на Белата куќа на средбата со израелскиот премиер истакна дека би сакал разурнатата енклава да ја развие економски и да ја претвори во блискоисточна ривиера, населена со луѓе од светот.
„Ако е потребно, ќе го направиме тоа. Ќе го преземеме тој дел, ќе го развиеме, ќе создадеме илјадници работни места и тоа ќе биде нешто со што целиот Блиски Исток може да се гордее. Гледам долгорочна сопственичка позиција и голема стабилност на тој дел од Блискиот исток, а можеби и на целиот Блиски Исток“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Нетанјаху оцени дека Трамп размислува оригинално, а идејата би можела да ја промени историјата.
„Израел ќе ја заврши војната со победа. Победата на Израел ќе биде победа на Америка. Ние не само што ќе ја добиеме војната работејќи заедно, ќе го добиеме и мирот. Со вашето водство, господине претседателе, и нашето партнерство, верувам дека ќе создадеме блескава иднина за нашиот регион и ќе го доведеме нашиот голем сојуз до уште поголеми височини“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Демонстранти се собраа во Вашингтон за да ја осудат посетата на израелскиот премиер, обвинувајќи го Трамп дека поканил воен злосторник во Белата куќа. Од Хамас потенцираа дека плановите на Трамп се рецепт за хаос. Арапските земји и меѓународната заедница ги отфрлија предлозите за преселба на Палестинците и побараа политичко решение со две држави.
„Позицијата на Австралија е иста како што беше утрово, како што беше минатата година и беше пред 10 години. Австралиската влада поддржува, на двопартиска основа, решение со две држави на Блискиот Исток“, рече Ентони Албанес, премиер на Австралија.
„Ние се спротивставуваме на присилно преместување на луѓето во Газа. Се надеваме дека релевантните страни ќе го искористат прекинот на огнот како можност да го вратат палестинското прашање на вистинскиот пат на политичко решение засновано на решението за две држави и да постигнат траен мир на Блискиот Исток“, нагласи Лин Џијан, портпарол на МНР на Кина.
Во тек се преговори од втората фаза за примирје меѓу Израел и Хамас која предвидува прекин на огнот за 42 дена. Хамас треба да ги ослободи сите преостанати заложници, кои ги држи од нападот на 7 октомври 2023 година, додека Израел треба да ослободи претходно договорен број палестински затвореници.
Маријана Димовска
