ТИРЗ

Почна изградбата на индустриската зона во Радовиш

01.08.2014 15:18

Радовиш ќе ја добие првата, а Македонија 13-тата Технолошко- индустриска развојна зона. Денска беше поставен камен темелникот на зоната која се протега на површина од 9,75 хектари, а на која има четири парцели за производство, дистрибуција и сервис, и една за административна зграда.

За неа од буџетот се одвоени 11 милиони евра за инфраструктурно уредување. Премиерот Груевски истакна дека константниот интерес на странските инвеститори за Македонија се резултат на, како што рече, макотрпната работа на Владата.

„Сето ова се резултати од досегашното макотрпно работење на овој план. Постојано работење за подобрување на бизнис климата, постојано промовирање на можностите за инвестирање во Македонија, во голем број земји во светот и преку голем број светски медиуми. Постојано ангажирање на нови луѓе, нови министри, нови промотори на Македонија“, истакна премиерот Никола Груевски.

Со изградбата на технолошката зона во Радовиш се визуелизира идејата за рамномерен економски развој, посочи министерот за еконимоја Незири, додавајќи дека слободните економски зони земаат се поголем дел од вкупниот извоз.

„Според последните податоци, извозот од слободните економски зони рапидно расте, па ако минатата година извозот од зоните опфаќаше 25%, оваа година се очекува извозот да надмине 30%“, рече министерот за економија, Беким Незири.

1.270 работни места во 2012-та, годинава се очекува бројот на вработени во ваквите зони да надмине над 3.500 илјади.

„Зоната во Радовиш ќе претставува индустриски комплекс кој ќе овозможи регионален економски развој, креирање на нови работни места, развој и примена на нови технологии и знаења“, изјави Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко- индустриски развојни зони.

Во тек е изградбата на технолошките- индустриски развојни зони во Прилеп, Струмица, Гевгелија, Ранковци, а до крајот на годината ќе биде ставен камен темелник и во Берово, Делчево и Виница.

Катерина Давчева