Регион

Студентите продолжуваат со блокади на факултетите и патиштата низ Србија

05.02.2025 13:35

Протестите продолжуваат ширум Србија. Оставката на премиерот Вучевиќ сè уште не е на дневен ред на Собранието...

Студентите продолжуваат да ги блокираат факултетите и патиштата низ Србија, барајќи одговорност за трагедијата во Нови Сад, а протестите се шират, досега во над 240 населени места.

По просветните работници, адвокатите, културните работници кои се во штрајк, денеска работниците од Градскиот превоз во Белград организираа предупредувачки протест и им се придружија и студенти кои скандираа „Студентите се со работниците!“

На Плоштадот на Републиката во Белград се одржа протест на пензионерите и прошетка до Студентскиот плоштад, а поддршка добија и од медицинските работници, здружението на педијатри на Србија кои ги поддржаа барањата на студентите, опишувајќи ја нивната борба како натполитичка.

Според аналитичарите, одбивањето на Ректорскиот колегиум и студентите на дијалогот со претседателот Вучиќ бил очекуван.

„Да не се правиме дека не гледаме што му претходеше на ова, и студентите се тие кои бараат од надлежните да постапат по својата должност. Поентата е – Обвинителството да почне да постапува, а претседателот да се повлече во својата надлежност. Сè што се виде минатата недела и повикот за дијалог е всушност одвлекување на вниманието од суштината, а тоа е одвраќање од одговорност. Претседателот требаше порано да го иницира дијалогот“, изјави Танасије Маринковиќ, проф. на Правниот факултет на Универзитетот во Белград.

Во Србија продолжува институционалната криза, сè уште не е закажана собраниска седница за оставката на актуелниот премиер Вучевиќ, бидејќи претседателот Вучиќ нема одлучена дали ќе назначи мандатар за нова влада или Србија ќе оди на нови избори. Единствено се знае дека преодна влада нема да има, барање на опозицијата, која не стои зад студентските протести.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ