Украина

Први сигнали за мировни преговори меѓу Москва и Киев

05.02.2025 12:51

Украина е подготвена за мировни преговори на кои Вашингтон и Брисел задолжително мора да учествуваат, Зеленски го повтори ставот за конечно завршување на тригодишната војна. Кремљ оцени дека украинскиот претседател е нелегитимен лидер кој владее и по истекот на мандатот. Не се можни избори за време на војна, став на Киев. Саудиска Арабија или Емирати, Москва предлага можни домаќини за средбата на Трамп со Путин...

По проширувањето на руската офанзива на истокот на Украина и освојување на фронт долг илјада километри, Зеленски е принуден да им понуди нови адути на сојузниците пред можните мировни преговори. Подготвени сме со западните партнери, особено американскиот, за инвестиции во ископот на ретките минерали, кои се наоѓаат на територијата окупирана од Москва, став на украинскиот претседател. Зеленски е подготвен за мировните преговори ако тоа значи крај на војната. Со задолжително учество на Брисел и Вашингтон.

„Ако тоа е единствениот услов за мир во Украина и да не се губат животи, тогаш секако ќе одам на ваквата средба со учество на четири страни. Колку е важно што воопшто чувствувам за Путин. Нема да се однесувам добро кон него, тој е непријател. И тој ме смета за непријател“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.

И Москва и Киев ги потврдија одвоените и засилени контакти на владино ниво со Вашингтон. Во средиштето на преговорите е Мајкл Валц, советник за национална безбедност на американскиот претседател. Во Украина итно пристигна и шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами. Претходно, Киев и Лондон потпишаа договор за стогодишна соработка, на која се противи Москва поради влијанијата во Црно, Балтичко и Азовско Море. Еден од условите на Москва е воено-политичката неутралност на Украина, за што Лавров го поддржа ставот на Трамп.

„Одеднаш и првпат, претседателот Трамп ја критикуваше администрацијата на Бајден директно тврдејќи дека една од главните грешки е вовлекувањето на Украина во НАТО. Да беше Трамп претседател пред четири години, немаше да дојде до војната. Проблемот со НАТО е означен за тема за којашто САД се подготвени да разговараат сериозно. А ставот на САД ќе ја одреди позицијата на западот и на Киев“, изјави Сергеј Лавров-министер за надворешни работи на Руската федерација.

Зеленски не се откажува од НАТО-гаранцијата за својата држава. Според украинскиот претседател, 45 илјади украинци загинале досега, околу 400 илјади се ранети во тригодишната војна.

 

Зоран Богатинов