МВР

МВР: Годинава завршува поставувањето на камерите за сообраќајни прекршоци

05.02.2025 15:29

Македонија е една од земјите со најмногу жртви во сообраќајни несреќи од регионот, велат од Здружението за намалување на жртвите во сообраќајот „Медиум“. Бараат формирање на регистар на сообраќајни несреќи. Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, апелираат внимателно да се вози, особено на местата мапирани како црни точки. Годинава ќе заврши поставувањето на камерите за сообраќајни прекршоци, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во Македонија годишно има од 120 до 150 жртви на сообраќајни несреќи. Од Здружението за намалување на жртвите во сообраќајот „Медиум“ бараат да се направи регистар на сообраќајни несреќи, кој потоа може да биде предмет на различни анализи.

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, апелираат внимателно да се вози, особено на местата мапирани како црни точки.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во текот на оваа година ќе биде завршено поставувањето на камерите кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, како што е минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената или непрописно паркирање.

„Сообраќајниот прекршок ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање, при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок.“, се вели во соопштението на министерството.

Од таму велат, законските измени ќе бидат во насока на усогласување со европското законодавство, а со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на криминалот.

 

Марија Котовска