акција

МВР спроведува голема полициска акција во своите редови

05.02.2025 16:20

Голема полициска акција во МВР. Претреси поради сомнежи за злоупотреба на тендерски постапки. Дејствија за обезбедување докази преземаат и Обвинителство и Финансиска полиција …

Кривична пријава за поранешен директор за Општи и заеднички работи на Владата. Се сомничи дека потпишал 5 договори за јавни набавки со фирма од Скопје, но непријавил судир на интереси.

„Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Управата за финансиска полиција презема дејствија за обезбедување докази во предмет за кривични дела примање поткуп, давање поткуп, проневера во службата и несовесно работење. Во тек се претреси на локации во Скопје, за што е обезбедена наредба на судија на претходна постапка, а се преземаат и други дејствија“, соопштија од Обвинителството.

Финансиската полиција товари поранешен владин службеник дека со кривичните дела ја оштетил државната каса за над 5 милиони денари. Бил на функција од јуни 2017 до јуни 2024 година.

МВР спроведува голема полициска акција во своите редови. Освен претреси во зградата зад мене, претреси биле направени и во канцелариите на некои началници и некои вработени, како и во автосервиси каде што долго време биле сервисирани и службените возила.

Предистражна постапка за вработени поради сомнежи за злоупотреба на тендери за сервисирање на службените возила. Од Обвинителството велат дека во рамки на предистрагата се извршени претреси на 16 локации за да се проверат индиции за злоупотреба и договарање меѓу фирмите и вработените од Одделот за општи и заеднички работи на МВР.

„Од страна на полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Одделот за крим-полиција и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по насоки на надлежен јавен обвинител во тек се мерки и активности поврзани со работењето на Одделот за општи и заеднички работи во МВР“, соопштија од МВР.

Од МВР ја потврдија информацијата и посочија дека акцијата ја спроведува Бирото за јавна безбедност.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски