ОЈО

Проверка на претходните случаи против Јованов

05.02.2025 16:44

Проширена истрагата против Васил Јованов. Обвинителството испитува дали има умислена одговорност кај неговите родители …

И Судскиот совет ќе проверува дали имало пропусти во претходните постапки кои се воделе против 20 годишниот Васил Јованов кој на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова. Претседателот на ова тело, Камбовски најави формирање на комисија која ќе постапува по забелешките изнесени во јавноста.

И додека Судски бара грешки, судиите од скопска единица застанаа во одбрана на колешката која лани го укина притворот на Јованов, обвинет во друг случај – за поседување дрога. Велат не е вистина дека тој претходно бил осудуван, ниту пак истата судијка постапувала по десетина пријави против него.

„Прашање е дали доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанци имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојани критики на Меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна. Дотолку повеќе што и при укинување на мерката притвор, Јавниот обвинител не вложил жалба на притворот туку вложил само на кривичната санкција“, се вели ви соопштението од Кривичен.

Во меѓувреме, Обвинителството ја проширува истрагата. И родителите на Васил се под лупа. Скопската полиција треба да ја провери улогата и влијанието на таткото и мајката дали на нивното дете му давале пари за да точи гориво, но и зошто му дозволувале да го вози автомобилот, ако знаеле дека нема дозвола.

Пред две години Јованов предизвикал уште една сообраќајка, но се спогодил со оштетената, платил казна и поминал без да му се суди.

 

Анита Димитријевска – Велковска