Кривична пријава за четири кривични дела за ексдиректорот на СОЗР
Поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски е приведен во полициска станица. Финансиската полиција му поднесе кривична пријава за четири кривични дела. Пеце Мирчевски се товари за поткуп, фалсификување службена исправа, проневера и несовесно работење во службата додека бил на функција...

Кривична пријава за четири кривични дела заработи ексдиректорот на владината Служба за општи и заеднички работи. Пеце Мирчевски се товари за поткуп, фалсификување службена исправа, проневера и несовесно работење во службата додека бил на функција. Финансиската полиција и Обвинителството вршеа претреси на неколку локации за обезбедување на докази.
Според Финансиската полиција делото примање поткуп е поврзано со сомнежи за злоупотреби при потпишување на пет договори за јавни набавки со фирмата на второосомничениот. Свесно и со умисла Мирчевски во пет службени исправи за непостоење на судир на интереси во врска со тендерите внесувал лажни и невистините податоци, ставајќи го својот потпис овозможил да бидат употребени како вистинити.
За проневера во службата во периодот од први јануари 2022-ра до 13 јуни 2024-та во повеќе наврати давал лажни податоци за наводни службени патувања со што според Финансиската полиција го оштетил буџетот во вредност од околу 1,8 милиони денари.
Според надлежните ексдиректорот на владината Служба за општи и заеднички работи е осомничен дека несовесно работел, знаел дека лице вработено како пилот, не ги исполнува условите за капетан – водич на воздухолови а му била исплаќана плата за оваа позиција со што му овозможил да стекне имотна корист од околу 56 илјади евра на штета на државниот буџет.
Пеце Мирчевски директоруваше во владината Служба за општи и заеднички работи од јуни 2017 до јуни минатата година.
Александра Велинова
