БЛИСКИ ИСТОК

Белата куќа со објаснување за плановите на Трамп

06.02.2025 08:21

Според државниот секретар Рубио, претседателот предложил само привремено заминување на Палестинците од Газа додека Појасот не биде расчистен и обновен, а не преземање на територијата од страна на САД...

Белата куќа се обиде да го одбрани и разјасни предлогот на претседателот Трамп, САД да ја преземат контролата на Газа и да ја претворат областа во ривиера на Блискиот Исток. Според државниот секретар Рубио, претседателот предложил само привремено заминување на Палестинците од Газа додека Појасот не биде расчистен и обновен, а не преземање на територијата од страна на САД.

„Газа е сериозно оштетена. Ако ги погледнете снимките од воздух, ќе видите што се случува, милијарди долари ќе бидат потребни за реконструкција. Она што претседателот Трамп го објави е понуда, подготвеноста на САД да станат одговорни за обновата на таа област. Патем, има неексплодирана муниција, има секакви оружја на Хамас, сè уште закопани под земја. За луѓето да можат безбедно да живеат на тоа место, сето тоа треба да се отстрани. Тоа е огромен потфат“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Американскиот претседател на средбата со премиерот Нетанјаху истакна дека Палестинците треба да се преселат во соседните земји, што наиде на остра осуда од меѓународната заедница.

„Мораме да го потврдиме решението за две држави. Секој траен мир ќе бара опиплив, неповратен и постојан напредок кон решението за две држави, крај на окупацијата и формирање независна палестинска држава со Газа како составен дел“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Илјадници демонстранти излегоа на улиците во градовите низ САД на протест против одлуките на администрацијата на Трамп. Ја осудија имиграциската политика, бараат почитување на правата на трансродовите лица и го осудија предлогот за насилно раселување на Палестинците од Појасот Газа.