Се уште не се знае изворот на листерија

01.08.2014 15:58

Од 610 анализрани мостри, 23 примероци се позитивни, но ниту еден не може да се поврзе со регистрираните болни...

Млечните и месните продукти не се изворот на листерија од која заболеа 8 пациенти, а четворица од нив починаа. Од 610 анализрани мостри, 23 примероци се позитивни, но ниту еден не може да се поврзе со регистрираните болни.

„Секоја позитивна мостра што ќе ја откриеме ќе подлежи на генотипизација. Секоја бактерија има свој отпечаток. Ако се појави позитивна мостра, а има каква било врска со хуманите случаи, тоа ќе се покаже и ќе се утврди“, рече Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Позитвните 23 мостри се од преработки на млеко и месо, како и од работните површини во месарниците. Надлежните не ги открија фирмите, образложувајќи дека најденото количество листерија е под дозволеното ниво, пропишано во правилникот по кој се раководи и ЕУ. Се чекаат анализи од уште 140 мостри.

„Не сакаме да шпекулираме. Сакаме да ги имаме сите податоци, сакаме да имаме точна типизација, за да бидеме сигурни дека предизвикувачот е тој. Податоците покажуваат дека не можеме да го врземе со млечната и со месната индустрија, бактеријата ја има насекаде и треба да се види кои ќе бидат понатамошните чекори“, рече Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од Агенцијата за храна велат дека ќе продолжат со засилени контроли и на увезените производи, како и на земјоделските. 

Наташа Јанчиќ