САД

Демонстрации против политиките на Трамп

06.02.2025 11:55

Протести во САД против реформите во администрацијата на Трамп, домашната и надворешната политика. Демонстрантите се против имиграциската политика, улогата на Илон Маск во владата, предлогот за присилно раселување на Палестинците во соседните земји. Вашингтон се обидува да ги дообјасни предлозите на Трамп за Газа, но, меѓународната заедница негодува.

Илјадници луѓе излегоа на улиците низ американските градови, незадоволни од одлуките на новата администрација на претседателот Трамп. Демонстрантите се противат на имиграциската политика, укинувањето на правата на трансродовите лица, запирањето на УСАИД, улогата на Илон Маск во Владата.

„На крајот на денот, ние сме земја на имигранти. Имигранти ја изградија оваа земја таква каква што е и не можеме да им свртиме грб на луѓето што сè уште придонесуваат за оваа земја“, изјави демонстрант.

„Се што се случува ме испровоцира да излезам на улица“, рече друг демонстрант.

„Значи, во суштина, Доналд Трамп и Илон Маск ја претвораат нашата земја како мала олигархија, како мало свое кралство, а ние сме тука да кажеме дека апсолутно не го сакаме тоа“, изјави демонстрант.

Предлогот за присилно префрлање на Палестинците од Појасот Газа исто така наиде на негодување од движењето 50 држави, 50 протести во еден ден. Државниот секретар на САД Рубио вели дека шефот на Белата куќа предложил само привремено заминување на Палестинците од Газа, додека Појасот не биде расчистен и обновен, а непреземање на територијата од страна на САД.

„Она што претседателот Трамп го објави е понуда, подготвеноста на САД да станат одговорни за обновата на таа област. Патем, има неексплодирана муниција, има секакви оружја на Хамас, сè уште закопани под земја. За луѓето да можат безбедно да живеат на тоа место, сето тоа треба да се отстрани. Тоа е огромен потфат“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Од Израел велат дека нема ништо лошо во предлогот, но идејата наиде на осуда од арапските земји и меѓународната заедница.

„Мораме да го потврдиме решението за две држави. Секој траен мир ќе бара опиплив, неповратен и постојан напредок кон решението за две држави, крај на окупацијата и формирање независна палестинска држава со Газа како составен дел“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Американскиот секретар за одбрана изјави дека Пентагон е подготвен да ги разгледа сите опции во врска со Газа. Во моментот меѓу Израел и Хамас во тек се преговорите од втората фаза од примирјето за враќање на заложниците киднапирани на 7 октомври 2023 година во замена за палестински затвореници.

 

Маријана Димовска