Македонија

Коцевски: Обвинителството прибира нови докази и прави проверки на постапките против Јованов

06.02.2025 12:36

Обвинителството работи на прибирање докази против возачот што ја усмрти неготинката Фросина. За утврдување на евентуална одговорност, Судскиот совет формира комисија, која нема рок во кој треба да постапи, но претседателот на Судски совет смета дека се треба да се одвива внимателно, за да не му се вршело притисок на Апелацискиот суд…

Обвинителството не се откажува од постојано прибирање нови докази и проверки на текот на претходната постапка водена против Васил Јованов, вели обвинителот Коцевски. Делото го стори додека ја чекаше на слобода пресудата од Скопска апелација поради претходно сторено кривично дело.

Обвинителката Фетаи постапила во законскиот рок, откако на 27-ми ноември минатата година го добила одговорот од Вишото јавно обвинителство, но судот повеќе од два месеци не донел одлука. Обвинителството не може да се меша во постапувањето на судовите, вели Коцевски.

Токму за утврдување на евентуална одговорност Судскиот совет формира комисија. Ниту оваа комисија нема рок во кој треба да постапи, но претседателот на Судски совет смета дека се треба да се одвива внимателно за да не му се вршело притисок на Апелацискиот суд.

За јавните осуди на судиите како своевидни притисоци се огласија и од Здружението на судии. Сметаат дека не смее да бидат иницирани од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај.

„Повикуваме на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето на вакви одлуки, со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции“, стои во соопштението на Здружение на судии на РСМ.

20 годишниот Васил Јованов ја прегази 22 годишната Фросина Кулакова на пешачки премин на „Партизанска“ каде на самото место им подлегна на повредите. Обвинителството ќе го гони за кривично дело со умисла заради преголемата брзина, немање дозвола и управување возило под дејство на алкохол, а истрагата ја прошири и на неговите родители.

Фиљана Кока