Мицкоски очекува по интерпелацијата членовите на Судскиот совет сами да се повлечат
Не е тајна дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас, вели премиерот Мицкоски. Смета дека можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште…

Граѓаните не се задоволни од начинот на кој функционира судско-обвинителскиот систем кај нас. Тоа е едно мочуриште, кое изобилува со многу контроверзии и скандали. Премиерот Мицкоски со остри зборови за Судскиот совет.
„Цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции, на во случајот Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, таму каде што се бираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Не велам дека е тоа неточно. Но, во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро. И тогаш имаме и други механизми и други алатки“, изјави денес премиерот Мицкоски.
Премиерот изрази надеж дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, дека тие истите ќе бидат доблесни и ќе се повлечат.
За иницијативата на премиерот Мицкоски, коментираа и партиите.
Известува Марина Стојанова-Тонева
