Царина

Почнува кампања „Пријавете пари“

01.08.2014 16:41

На излез од државата домашните патници можат да изнесат слободно до 120.000 денари и до 2.000 евра. Износите кои се движат помеѓу 2.000 и 10.000 евра резидентите мора да ги пријават и да поднесат потврда од банка и менувачница...

Цариниците откриле вкупно 1.800.000 евра во 29 обиди за нелегално пренесување на пари од почетокот на годинава. Најчесто странски државјани влегуваат во земјава со непријавени чекови. Обврската тие да бидат пријавени е поради борбата против перење пари и финансирање на тероризам. За македонските резиденти лимитот за внесување на пари изнесува 10.000 евра или 120.000 денари. Повисоките суми задолжително да се пријавуваат, вели директорката Радевска.

„На излез домашните патници можат да изнесат слободно до 120.000 денари и до 2.000 евра. Од 2.000 до 10.000 евра резидентите мора да ги пријават и да поднесат потврда од банка и менувачница,“ рече Наташа Радевска, директор на Царинската управа.

Одземените нелегално внесени пари, со правосилна одлука, завршуваат во буџетот.

Парите не се само банктноти, туку и кредитни писма и чекови. За секое непријавување или лажно пријавување на пари, патникот како физичко лице ќе биде казнето од 1.500 до 3.000 евра или пак правно лице, од 6 до 10 илјади евра во денарска противредност.

Со стартот на кампањата „пријавете пари“ патниците ќе се информираат за законските обврски.

„Се со картичка се работи, ќе разбереме сега што и колку треба“, вели анкетиран граѓанин.

„Се запознав со обврската од информативните материјали на царината кои ги прочитав пред да влезат“, вели анкетиран странец.

Со овој проект се предвидува брз и безбеден проток на патници и стока.

Лука Андреев