Здравство

Зголемени буџети во ФЗОМ, идејата за нов клинички центар „на пауза“

06.02.2025 16:33

Почетниот буџет на Фондот за здравство за годинава е 53,4 милијарди за 7 милијарди поголем од ланскиот. Со парите ќе може да се направи исчекор во здравствената заштита, вели првиот човек на ФЗОМ. Зголемени се буџетите за дијагностички лаборатории, целта на зголемување е да се подобри покриеност на лаборатории за да се скрати време на чекање за овие услуги...

Идејата за нов клинички центар е ставена „на пауза“. Се анализира дали воопшто има потреба од негова изградба, бидејќи демографијата на населението опаѓа – вели директорот на Фондот за здравствено осигурување. Плановите се градската општа болница „8 Септември“ да прерасне во регионален центар за пациентите од Скопје, Куманово и од Велес, но за тоа потребни се законски измени. Зголемениот буџет на болницата е само чекор до таа цел. Во неа ќе се инвестира за да се намали притисокот на Клиничкиот центар . Од сите капацитети во земјава е најблиску до стандардите .

„Заради тој капацитет и инфраструктурата околу болницата, очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растовари Клиничкиот центар, во однос на секундарно здравство. Иако, морам да кажам дека во „8 Септември“ се изведуваат и методи кои не се изведуваат на клиника. Тука гледаме најголем потенцијал со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Мислам дека ќе има и нови проекти во „8 Септември“ за да биде доста повеќе од тоа што е сега“, изјави Сашо Клековски – директор на Фондот за здравствено осигурување.

Фондот за здравство годинава за прв пат ќе покрива операции за намалување на желудникот за екстремна дебелина, а пари се одвоени и за трансплантација на црн дроб од жив дарител и за стентирање на периферни крвни садови. Ќе се зголеми опфатот на пациенти со цистична фиброза кои ќе го добиваат лекот „Трикафта“, ќе се воведе скрининг на крвта за западно-нилска треска. Буџетот за јавните здравствени установи е зголемен и изнесува 32,9 милијарди денари.

Повеќе пари ќе има и за приватните здравствени установи. Од Комората велат ќе се превенираат болести, а ќе се намалат трошоците за лекување.

„Колку повеќе се развива вон болничката дејност, толку повеќе граѓаните нема да одат кон болничкиот сектор што од друга страна многу повеќе ќе ја развива примарната превенција“, изјави Александар Манолев – Комора на приватно здравство.

„Добиваме сите. Пред сè граѓаните добиваат поголем број на услуги, поголем број на прегледи кај специјалистите, добиваат приватните здравствени установи поголем буџет“, изјави Тања Дејановска – Комора на приватно здравство.

Годинава буџетот за здравство изнесува 53,4 милијарди денари, седум милијарди повеќе од лани. Се очекува да се направи исчекор во здравствената заштита.

Освен зголемен буџет на јавните и приватните установи, од Фондот за здравство најавуваат и засилени контроли.

Андријана Ѓурческа