Утре бојкот на маркетите, преку дијалог ќе се бара решение за цените
Според Синдикатот, бојкот треба да има секој ден за да се реши овој проблем на подолг рок. Владата го разбира револтот на граѓаните поради високите цени и бојкотот на маркетите. Очекува преку дијалог меѓу производителите, дистрибутерите, маркетите и потрошувачите да се најде решение.

Сојузот на синдикати и Организацијата на потрошувачи поддржуваат нов бојкот на маркетите со цел да се даде сигнал на трговците дека населението има моќ и може да придонесе да се намали профитот. Според Синдикатот, бојкот треба да има секој ден за да се реши овој проблем на подолг рок.
Владата го разбира револтот на граѓаните поради високите цени и бојкотот на маркетите. Очекува преку дијалог меѓу производителите, дистрибутерите, маркетите и потрошувачите да се најде решение.
„Јас сум еден од потрошувачите и да понекогаш сум револтиран кога плаќам исти производи по повисока цена од тие цени коишто се во соседството и ве молам и тоа го зборував и во Парламент на пратенички прашања ова е дел од проблемот имаме и други проблеми, како што се друг тип на трговци, со друг тип на производи, како што се лекови, бела техника итн., коишто продаваат производи ако се споредат со тие од околината се некогаш два до трипати поскапи. Тоа е невозможно да е последица на лоша зделка или последица на некои царински давачки или на нешто друго“, вели премиерот Мицкоски.
Од Сојузот на стопански комори велат дека анализата покажала дека високите цени на производите не се последица на трговците, туку на добавувачите и производителите кои имаат значително големи профити, додека супермаркетите работат со минимални маржи.
„Супермаркетите работат со просечна профитна маржа од само 0,83 отсто, а производителите и дистрибутерите во просек остваруваат 4,32 отсто. Некои добавувачи имаат профитни маржи над 13 отсто, додека супермаркетите остануваат под 3 отсто“, велат од ССК.
Првиот бојкот на маркетите минатиот петок покажа дека профитот на маркетите се преполовил.
Александра Спировска
