Солидарниот данок ќе го враќаме со камата, Владата ќе бара решение со компаниите
Сега опозицијата нека излезе пред граѓаните и нека им објасни дека поради хирови на нивната влада од џебот на граѓаните ќе се одлеат 50 милиони за солидарниот данок кој Уставниот суд го укина – коментира премиерот Мицкоски. Ќе бараме решение, вели тој најавувајќи дека ќе разговара со компаниите кои плаќале солидарен данок…

Владата ја разгледува можноста да се побара одговорност од нивните претходници, кои го воведоа солидарниот данок, по вчерашната одлука на Уставниот суд да се поништи Законот за солидарниот данок, кој на сегашната Влада ѝ наметна обврска да им врати 49,2 милиони евра на 156 оданочени компании.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека не го загрижува толку однесувањето на претходната влада колку што го загрижува поддршката за овој данок што ја добиле од меѓународни финансиски институции.
„Тогаш бевме опозиција и на состаноците со претставниците на тие меѓународни финансиски институции лично ги гледав в очи и им кажував дека ова дивеење еден ден некој ќе го враќа. Еве дојде денот кога вие треба да го враќате. Тие ќе се спакуваат и ќе си отидат таму од кај што дошле, вие ќе треба да го враќате. И сега, наместо нови 50 милиони за нешто друго, ние ќе треба поради хирови, да враќаме за некој што направил грешка“, изјави Мицкоски.
Оданочените компании Мицкоски вели дека е сосема легитимно да побараат и камата. Тој не сакаше да ја коментира одлуката на Уставниот суд, најави дека во целост ќе ја почитуваат и јавно побара објаснување од опозицијата како да се врати данокот.
Стопанската комора ја поздрави одлуката на Уставен. Премиерот посочи дека разговарал во министерката за финансии, при што било договорено да се направи мапирање на компаниите коишто беа опфатени со Законот за солидарен данок.
Марина Стојанова-Тонева
