Експлозија на гас во Тајван, 24 загинати
Силната експлозија дигнала во воздух автомобили и асфалт. Пожарникарите цела ноќ се обидувале да ги изгаснат пламените јазици кои голтале цели згради...

Се зголеми бројот на жртвите од експлозиите од истечен гас во Тајван. 24-четворица загинаа, а 270 се повредени.
„Во моментов шест лица се во критична состојба и се на интензивна нега. На дел од повредените треба да им се изврши хируршка интервенција, вели доктор.
Очевидците велат дека сликата била стравотна. Силната експлозија дигнала во воздух автомобили и асфалт. Пожарникарите цела ноќ се обидувале да ги изгаснат пламените јазици кои голтале цели згради. Петмина настрадале по првата експлозија, кога се обиделе да им помогнат на повредените.
„Некогаш ни кажуваше дека сред ноќ мора ди на работа. Почесто не беше дома. Ниту на празници не беше со нас“, вели ќерка на загинат пожарникар.
Спасувачките екипи се обидуваат да ги евакуираат луѓето кои се под урнатините. И војската е вклучена во спасувањето. Тајванскиот претседател Ма Јинг вети дека ќе преземе остри мерки против виновниците за инцидентот.
„Имаме многу современа опрема која ќе ни помогне во спасувањето на луѓето. Донесовме и кучиња и апарати за кршење камен. Наш приоритет се исчезнатите луѓе кои се затрупани под урнатините“, вели припадник на спасувачки тим.
Десетици илјади семејства се без електрична енергија и гас. Причините за несреќата се уште се утврдуваат, но според првичните информации, трагедијата ја предизвикале пукнати цевки во гасоводот.
Марија Петковска
