Наместо на улица да му се суди во судница, побара одбраната на Васил Јованов
Јованов возел без возачка дозвола и под дејство на алкохол. Неговата одбрана не ги спори фактите кои доведоа до сообраќајната несреќа во која животот го загуби Фросина Кулакова. Но, адвокатот Дуковски побара да му се суди во правична судска постапка, без да биде жигосуван од јавноста. На прес- конференција неговите родители изразија сочувство до семејството и потврдија дека кобната вечер Јованов им го украл возилото. Тврдат и дека не му обезбедиле мобилен телефон кога влегол во притвор...

Васил е психофизички здрав и во моментот на сообраќајката бил целосно пресметлив, вели неговиот адвокат Дуковски кој рече дека нема да се обидува на оваа карта да ја намали неговата одговорност за смртта на Фросина. Побара наместо на улица да му се суди во судница, без јавен линч. Вечерта пред несреќата, Васил го украл автомобилот на татка си за да оди на прослава и како што вели одбраната прв пат по 7 месеци пиел алкохол.
Васил бил единствено дете на Јованови. И претходно доаѓал во судир со законот, но родителите се надевале дека извлекол поука од казните. Жалат за стореното и упатија сочувство до семејството на Фросина.
Јованов ја поминал обуката за стекнување со возачка дозвола, но формално не положил. Одбраната наведе дека сообраќајното вештачење треба да покаже со која брзина возел осомничениот, но тврдат дека не било толку брзо како што се претставува во медиумите.
Анита Димитријевска – Велковска
