Македонија

Зголемени цените на парцелите во руралните подрачја

08.02.2025 14:00

Значително е зголемен интересот за изградба на викендички во руралните подрачја. Но интересот ја зголеми и цената на парцелите. Во североистокот во минатото ако еден метар квадратен можеше да се најде за две евра, денес се искачи на десет…

По ковид- пандемијата значително се зголеми интересот за изградба на викендички во руралните подрачја. Во североистокот, во Старо Нагоричане во минатото можеше да се најдат парцели по две евра од метар квадратен. Денес цената изнесува и до десет евра. Особено се популарни локациите покрај главните патишта, реката.

„Од 2023-та за 200 проценти се зголемени цените на парцелите кои се нудат за викендички, особено покрај главните патишта, покрај реката во селата Стрезовце“, изјави заменик градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Општината лани издала дванаесет одобренија за градење, што е значително повисоки од останатите општини во североисточниот регион. Осум од одобренијата се за физички лица, а четири за деловни субјекти.

Солидната патна инфраструктура, но и местоположбата, особено археолошките наоѓалишта, културно-историските објекти, цркви, манастири и природни реткости се привлечни и за туристите.

Најчести се туристите од соседна Србија.

„Огромен е бројот на туристи, но немаме точна бројка, иако е забележително нивното присуство за време на викендите. Од први мај до први октомври, има голем број домашни и туристи од соседните земји пред сè од Србија ги посетуваат црквата Свети Ѓорѓи и споменикот Зебрњак“, дополни Цветановски.

Странските туристи вообичаено го посетуваат Кокино. Но проблем сè уште останува што на оваа светски позната опсерваторија сè уште нема никаква просторија за престој, освежување, или пак набавка на сувенир.

Елена Георгиевска