Култура и туризам

Неопходен е историски музеј за презентација на археолошкото богатство на Охрид

08.02.2025 13:08

Охридскиот завод и музеј располага со над 100.000 археолошки артефакти од кои само мал дел е изложен во музејот „Куќа на Робевци“. Поради тоа експертите сметаат дека е неопходна изградба на современ историски музеј во Охрид, за да може да се презентира нашето културно-историско наследство. Тоа ќе биде магнет за туристите, но и за археолозите од целиот свет, што е одлична можност за развој на културниот туризам …

Илјадници археолошки предмети откриени во над двеста и педесетте археолошки наоѓалишта во Охрид и неговата околина се чуваат далеку од очите на јавноста, бидејќи нема каде да се изложат. Поради тоа од охридскиот Завод и Музеј сметаат дека на градот му е потребен современ историски музеј каде ќе бидат презентирани најголемиот дел од артефактите кои говорат за историјата на македонскиот народ и држава.

„Завод и Музеј поседува повеќе од 100 000 вредни археолошки предмети. Дел од нив веќе се изложени, но поголемиот дел се чуваат во депоата од институцијата. Археолошката збирка, е збирка којашто постојано расте. Секое археолошко истражување продуцира нови наоди кои реално нема каде да се изложат“, вели Бојан Танески-виш кустос археолог.

На Плаошник треба да се доизгради археолошкиот музеј, но таму ќе бидат изложени само наодите од тој простор. Поради тоа се бара поддршка од владата и општината за изградба на општ историски музеј.

„Таков музеј има бизнис логика, како да правите некој голем супермаркет. Треба да биде пристапен, да има пристап на големи групи посетители со автобус, посетителите да се чувствуваат комотно и пријатно, а артефактите да бидат соодветно заштитени и презентирани на посетителите“, смета Горан Патчев, директор на Завод и музеј-Охрид.

Поради тоа што во централното градско подрачје нема простор каде што би се изградил таков објект, Патчев смета дека музејот треба да се лоцира надвор од градот, по примерот на други држави од регионот. Според него тој ќе биде привлечен за туристите кои сакаат да го видат нашето културно-историско наследство кое е под заштита на УНЕСКО.

Сашо Нелоски