Блиски исток

Хамас ги предаде тројцата израелски заложници

08.02.2025 13:17

52-годишниот Ели Шараби, 56-годишниот Охад Бен Ами и 34-годишниот Ор Леви по повеќе од 15 месеци се враќаат кај своите семејства. Согласно со договорот за примирје, постигнат кон средината на минатиот месец денеска Израел ослободува над 180 палестински заложници, меѓу нив и лица кои издржувале доживотна казна затвор.

Хамас ги предаде тројцата израелски заложници на тимот на Црвениот крст. 52-годишниот Ели Шараби, 56-годишниот Охад Бен Ами и 34-годишниот Ор Леви по повеќе од 15 месеци се враќаат кај своите семејства. Согласно со договорот за примирје, постигнат кон средината на минатиот месец денеска Израел ослободува над 180 палестински заложници, меѓу нив и лица кои издржувале доживотна казна затвор.

„Поминавме 490 дена без знаење дека тој е жив. Фактот дека се враќа одејќи на нозе, фала му на Бога.“

„Толку сме среќни, неверојатно. Среќни сме, ќе го прегрнеме. Ќе направиме се за него и за останатите заложници“-велат роднини на заложниците.

Засега, неверојатниот предлог на американскиот претседател Трамп за депортирање на населението од Газа, кој беше поздравен од Израел, но жестоко критикуван од Палестинците и од поголемиот дел од меѓународната заедница, не влијае врз сегашната фаза од примирјето. Цврстото сојузништво меѓу Израел и САД беше потврдено и на средбата меѓу претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон со израелскиот премиер Нетанјаху.

„Она што Израел го направи во изминатите седум месеци навистина е доказ за тоа што може да се постигне кога не му дозволиме на непријателот да ги поставува правилата. Со враќањето на претседателот Трамп во Белата куќа и републиканската контрола над Конгресот, Америка нема да им го сврти грбот на нашите национални безбедносни приоритети. Останува цврстата поддршка за Израел“, рече Мајк Џонсон – претседател на Претставничкиот дом.

„Американско-израелскиот сојуз никогаш не бил посилен. Тоа се потврдува со санкциите за скандалозната и корумпирана организација на Меѓународниот кривичен суд, која го загрозува правото на сите демократии сами да се бранат. Нема да има иднина за Газа или иднина за мир во нашиот дел од светот, ако Хамас остане таму“, нагласи Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Примирјето е предвидено да трае до март, но новите ставови на Белата куќа можат да ги искомпликуваат разговорите во втората, потешката фаза од договорот, кога Хамас треба да ослободи уште десетина израелски заложници во замена за траен прекин на огнот. Се стравува дека милитантите на Хамас ќе ги прекинат преговорите доколу САД и Израел продолжат да инсистираат на преселување на палестинското население од Газа, што секако дополнително може ја разниша и онака кревката состојбата на Блискиот исток.

Маријана Димовска