МАЕИ презентираше Предлог-стратегија за заштита на македонското национално малцинство во Албанија
Грижата за Македонците во Албанија е национален интерес кој ги надминува партиските разлики – ова е пораката, испратена од состанокот во Корча, организиран од Македонска алијанса за европска интеграција со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, ЗНАМ и Демократскиот сојуз. Побарана поддршка за Национална стратегија за унапредување на положбата и правата на Македонците во Албанија, кои како што велат, се соочуваат со агресивна политика за бугаризација и асимилација…

Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) бара поддршка од македонските партии за Предлог-стратегијата за заштита на македонското национално малцинство во Албанија.
На средбата во Корча на којашто присуствуваа претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ, Левица на Демократскиот сојуз испратен повик за одбрана на идентитетот на нашинците во соседната земја, кои како што рекоа, се соочуваат со агресивна политика за нивна бугаризација и асимилација.
Алијансата повика во Собранието да се усвои декларација за да се спречи овој процес.
Македонската алијанса за европска интеграција побара официјално евидентирање на македонското малцинство во регионите каде што постои, но не е признато; отворање на училишта на македонски јазик во Голо Брдо и Гора, учебници на македонски јазик и стипендии.
Исто така, побарана е и економска поддршка и поддршка за културните манифестации, целосно функционирање на преминот Џепиште-Требиште, како и отворање генерален конзулат на Македонија во Корча.
Алијансата смета дека треба да се поедностават процедурите за добивање македонско државјанство.
Борис Грујоски
