Куманово

Најмногу претставки за извршителите

09.02.2025 14:56

Најмногу претставки во канцеларијата на народниот правобранител во североистокот, пристигнале за работата на извршителите. И од адвокатските канцеларии потврдуваат дека е голем бројот на постапки. Граѓаните пак на став едвај се преживува.

Кумановци и граѓаните од општините од североистокот најмногу реагираат на работата на извршителите. Во канцеларијата на Народниот правобранител од 123 претставки лани, дури 21 се од областа на правосудството-извршителите.

Останатите се од областа потрошувачки права и казненопоправна установа, пензиско и инвалидско осигурување, граѓански состојби, социјална сигурност и заштита, урбанизам и градежништво, имотно-правни односи, полициска постапка, здравствено осигурување и детски права. Бројот на поднесени претставки е на ниво од претходните години.

„За поголем број од поднесените претставки, институциите реагираа односно доставија одговори навремено, но, имаше и такви кои или не доставија одговори или доцнеа со одговорите“-велат од канцеларијата на народниот правобранител во Куманово.

Од адвокатските канцеларии потврдуваат за бројните постапки на извршителите. Особено велат, голем е бројот на постапките што ги поведуваат јавните претпријатија. Граѓаните пак револтирани.

„Извршителите се направија богатство од граѓаните, а тие немаат пари леб да јадат“-вели еден кумановец.

„Граѓаните се во прв ред на оваа скапотија, немаштија, мали пензии, мислам дека треба да се поведе сметка и во тој поглед на извршители“-дополни друга.

Од почетокот на годината Народниот правобранител евидентира десет пријави, од кои една за извршителите.

Канцеларијата на Народниот правобранител лани во Куманово ја посетиле 450 граѓани. Повеќето од нив барале правен совет токму за извршителите.

Советите најчесто се за застарувањето и пресметка на камата, изземањето од извршување.

Елена Георгиевска