Европската екстремна десница со критики до Брисел и пофалби до Трамп
Лидерите на екстремно десничарските партии од третиот најголем блок во Европскиот парламент го поздравија враќањето на Доналд Трамп на власт на собир во Мадрид, што се одржа под слоганот „Да ја направиме Европа повторно голема“. Тие силно го критикуваат Брисел и имиграцијата …

Во Мадрид, собир на влијателниот блок во Европскиот парламент – „Патриоти за Европа“. Унгарскиот премиер Орбан, француската политичарка Ле Пен, италијанскиот вицепремиер Салвини, холандскиот и шпанскиот политичар Вилдерс и Абаскал, ја презентираа својата визија за преобликување на идната политичка стратегија за Европската унија.
„Време е да престанеме да финансираме наднационални организации, мислам на Светската здравствена организација, која ги брани мултинационалниее интереси, а не интересите на граѓаните. Време е да се преиспитаат институциите, како што е Меѓународниот кривичен суд кој ги поистоветува исламските терористи на Хамас со демократски избраниот премиер Бенјамин Нетанјаху“, нагласи Матео Салвини – вицепремиер и лидер на партијата Лига во Италија.
„Поради Брисел економијата тоне, поради Брисел нашите пари се испраќаат во Украина. Поради Брисел, Европа е нападната од илегални мигранти. Брисел ги отвори границите за инвазија на мигранти“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан.
На собирот што се одржа под слоганот „Да ја направиме Европа повторно голема“, екстремно десничарските лидери ја поздравија агендата на американскиот претседател Трамп. Обвинувања за политиките на Брисел за загрозување на идентитетот на европските нации.
„Ние, европските државјани, наспроти таканаречените глобалисти, сме единствените во позиција да разговараме со новата администрација на Трамп. Со Американците постои заемна почит, а како патриоти, ние разбираме како лидер може да има срце да го брани својот народ“, изјави Марин Ле Пен, француска политичарка.
„Ние сме патриоти и не бараме спасител од далечна земја, а помалку цар. Бараме и најдовме брат по оружје во битката за доброто, вистината, убавината, за битката за здрав разум и за битката за слобода“, додаде шпанскиот политичар Сантјаго Абаскал.
На собирот упатени остри критики за зелената агенда и европската миграциска политика. Речиси сите говорници побараа одбрана на европските граници од илегални мигранти.
Маја Стојанова