Избори во Косово

Курти прогласи победа, но ќе мора да коалицира за да формира влада

10.02.2025 08:28

На второто место е Демократската партија на Косово, а Демократскиот сојуз на Косово е трет по освоени гласови.

Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти освои најмногу од гласовите на парламентарни избори во Косово. На второто место е Демократската партија на Косово, а Демократскиот сојуз на Косово е трет по освоени гласови.

„Ние сме први, ова е потврда за нашето добро владеење, прогресивно и демократско лидерство, благодарам на сите. Исто така, нашата победничка коалиција ќе ја формира новата влада „Курти 3“ и на овој начин ќе продолжиме со работата што ја почнавме, но и многу повеќе“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Според последните резултати на Централната изборна комисија, на изборите учествувале речиси 790 илјади гласачи, вкупната излезност е околу 40 проценти. Српскиот претседател Вучиќ изјави дека Српската листа ги добила сите 10 мандати предвидени за Србите во Собранието.

„Би сакале да му се заблагодариме на нашиот претседател Александар Вучиќ кој ни испрати честитка и исто така благодарни сме за неговата силна поддршка за нашиот народ не само денес, туку и за сите овие години. Ние навистина имаме само една земја, еден претседател. Немаме друга земја, ниту бараме таква“, рече Златан Елек, лидер на Српската листа.

Во претходниот парламентарен состав, Движењето Самоопределување имаше стабилно мнозинство заедно со пратениците од етничките малцинства. Сега, според бројките, Курти би можел да биде принуден да бара нови коалициски партнери за формирање влада.