Косовскиот премиер Курти, прогласи победа на парламентарните избори
„Самоопределување“ на актуелниот премиер Албин Курти освои најмногу од гласовите на парламентарните избори во Косово. Сепак, за да формира влада ќе мора да коалицира. Најголемата партија на Србите, „Српска листа“ ги освои 10-те пратенички места во парламентот...

Движењето „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти освои најмногу гласови на парламентарните избори во Косово. Според податоците на Централната изборна комисија, на второто место по бројот на освоени гласови е Демократската партија на Косово, а Демократскиот сојуз е трет. Актуелниот премиер прогласи победа, но ќе мора да се потпре на коалициските партнери за да формира нова влада.
„Ние сме први, ова е потврда за нашето добро владеење, прогресивно и демократско лидерство, благодарам на сите. Исто така, нашата победничка коалиција ќе ја формира новата влада „Курти 3“ и на овој начин ќе продолжиме со работата што ја почнавме, но и многу повеќе“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.
На редовните парламентарни избори за 120 пратенички места се натпреваруваа 1.280 кандидати, од 28 изборни листи. Од седумте српски партии кои се натпреваруваа за 10 пратенички места во косовското Собрание, Српската листа е апсолутен победник.
„Резултатите се јасни. Српската листа освои 10 од можни 10 мандати. Резултатите се речиси неверојатни имајќи предвид се што правеше Курти да го уништи српскиот народ и Српската листа, се што многу странци правеа да ја уништат Српска листа, тајно и јавно помагајќи им на сите други против најјакиот српски претставник“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Српската листа е политичка партија на српското малцинство на Косово и е доминантна српска партија во косовската политика.
„Би сакале да му се заблагодариме на нашиот претседател Александар Вучиќ кој ни испрати честитка и исто така, сме благодарни за силната поддршка за нашиот народ не само денеска, туку и за сите овие години. Ние навистина имаме само една држава, еден претседател. Немаме друга држава, ниту ја бараме“, изјави Златан Елек, лидер на Српската листа.
Косово сака да стане дел од ЕУ, но Брисел бара поголема автономија од Курти за општините со мнозинско српско население. ЕУ го смета Курти за главен виновник за неуспехот на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Отворени критики доаѓаат и од новата администрација во САД. Пратеникот на претседателот Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, неодамна ја нарече владата на Курти, недоверлива.
Маријана Димовска
