Отворени културно-научните средби „Десет дена Крушевска Република“
02.08.2014 09:54
На платото на Гумење до столбот на Крушевската Република од центарот на Крушево пристигнаа коњаницата и делегациите предводени од градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески и од потпретседателот на Манифестацијата Маноил Јаковлевски. Околу 50 коњаници ги поминаа врвиците на славните илинденци...
На Гумење во Крушево синоќа свечено беше отворена манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“. На отворањето присуствуваше и претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.
На платото на Гумење до столбот на Крушевската Република од центарот на Крушево пристигнаа коњаницата и делегациите предводени од градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчески и од потпретседателот на Манифестацијата Маноил Јаковлевски. Околу 50 коњаници ги поминаа врвиците на славните илинденци.
Им благодарам на сите учесници и поддржувачи на Илинденскиот марш што беа со нас и помогнаа да стигнеме во Крушево. Мотивот започна уште од далечната 1978 година кога сите на возраст од 21 до 23 години тргнуваа од Горно Лисиче за да го одбележат празникот по патеките на славните илинденци. Го обновивме Илинденскиот марш. Секоја година ни се придружуваат и други коњаници од Свети Николе, од Бигорскиот манастир, од други градови Штип, Гевгелија. Вкупно сме околу 50 коњаници, изјави Гоце Трпкоски, генерален секретар на здружението „Илинденски марш“.
Делегациите на локалната самоуправа, на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република и на коњаниците положија цвеќе на средината во криптата на илинденските востаници, пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, пред споменикот на партизанските гробишта и на гробот на Тоше Проески.
Во своето обраќање пред присутните градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески нагласи дека годинава прославуваме два јубилеја - 111 години од Илинденското востание и 70 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ кое ги сплоти генерациите илинденци во создавањето на македонската држава.
