Курти со најмногу гласови на парламентарените избори во Косово
„Самоопределување“ на актуелниот премиер Албин Курти освои најмногу гласови на парламентарните избори во Косово. За да формира влада ќе мора да коалицира. Најголемата партија на Србите, „Српска листа“, освои 10 пратенички места, српскиот претседател Вучиќ им ја честиташе победата. Поради технички проблеми Централната изборна комисија доцнеше во објавувањето на официјалните резултати …

Движењето „Самоопределување“на премиерот Албин Курти освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Косово, но не е доволно за повторно самостојно да формира влада. Актуелната опозиција, Демократската партија на Косово е втора, а Демократскиот сојуз е трет по освоени гласови. Сè уште не е јасно која политичка сила ќе коалицира со Курти за да обезбеди 61 пратеник во косовското Собрание. Поради технички проблеми, Централната изборна комисија доцнеше во објавувањето на официјалните резултати.
„Ние сме први, ова е потврда за нашето добро владеење, прогресивно и демократско лидерство, благодарам на сите. Исто така, нашата победничка коалиција ќе ја формира новата влада „Курти 3“ и на овој начин ќе продолжиме со работата што ја започнавме, но и многу повеќе“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.
На редовните парламентарни избори за 120 пратенички места се натпреваруваа 1.280 кандидати, од 28 изборни листи. Од седумте српски партии кои се натпреваруваа за 10 пратенички места во косовското Собрание, Српската листа е апсолутен победник.
„Резултатите се јасни. Српската листа освои 10 од можни 10 мандати. Резултатите се речиси неверојатни имајќи предвид се што правеше Курти да го уништи српскиот народ и Српската листа, се што многу странци правеа да ја уништат Срспка листа, тајно и јавно помагајќи им на сите други против најјакиот српски претставник“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Српската листа е политичка партија на српското малцинство на Косово и е доминантна српска партија во косовската политика.
„Би сакале да му се заблагодариме на нашиот претседател Александар Вучиќ кој ни испрати честитка и исто така благодарни сме за силната поддршка за нашиот народ не само денес, туку и за сите овие години. Ние навистина имаме само една држава, еден претседател. Немаме друга држава, ниту ја бараме“, изјави Златан Елек, лидер на Српската листа.
Косово сака да стане дел од ЕУ, но Брисел го смета Курти за главен виновник за неуспехот на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Отворени критики доаѓаат и од новата администрација во САД. Пратеникот на претседателот Доналд Трамп за специјални мисии, Ричард Гренел, неодамна ја нарече владата на Курти недоверлива.
Маријана Димовска
