САД

Трамп најави царини од 25 проценти за целиот американски увоз на челик и алуминиум

10.02.2025 15:30

Американскиот претседател Трамп ја издигна трговската војна во светот на ново повисоко ниво. Најави воведување царини од 25 проценти за целокупниот увоз на челик и алуминиум. Првата реакција пристигна од францускиот претседател Макрон кој го потсети Трамп дека Брисел и Вашингтон се сојузници. До Европската унија децидни – нема да се колебаат во соодветната заштита на европските бизниси...

Европската унија е подготвена да одговори на трговските закани на американскиот претседател. Пораката до Трамп пристигна од Париз. Францускиот министер за надворешни Жан Ноел Баро дециден-Париз и неговите европски партнери нема да се колебаат во одбраната на интересите на стариот континет. Експресна реакција и од францускиот претседател Макрон, потсетувајќи го Трамп дека САД и ЕУ се сојузници.

„Моето прашање до САД е – дали ЕУ е ваш проблем број еден? Не, не мислам така. Вашиот прв проблем е Кина. второ, Европа ви е сојузник. Доколку сакате Европа да биде ангажирана во поголеми инвестиции, во безбедноста и одбраната, тогаш не треба да им наштетувате на европските економии, заканувајќи им се со царини“, изјави Емануел Маркон – претседател на Франција.

Од Европската унија соопштија дека за дополнителните давачки кои ги најави Трамп ќе одговорат по добивањето писмено појаснување. Потенцираат дека унијата не гледа оправдување за воведувањето царини, но оти се подготвени соодветно да реагираат за заштитата на интересите на европските бизниси, работниците и потрошувачите. Американскиот претседател најави нови царински давачки од 25 насто за целокупниот увоз на челик и алуминиум, како и реципроцитет за увозот на земјоделски производи.

„Да, ќе објавам, веројатно вторник или среда. Реципрочни тарифи, многу е едноставно, ако ни наплаќаат и ние ќе им наплатуваме. Исто така, за секој челик што доаѓа во соединетите држави ќе има царина од 25 насто и за алуминиумот исто така“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Новата американска администрација веќе воведе нови царински давачки од 10 проценти за кинеската стока што се увезува во САД, на што Пекинг експресно возврати со тарифи за некои чипови и метали, почна истрага за Гугл, а производителите на брендовите Келвин Клајн и Томи Хилфигер ги стави на листата несигурни субјекти. Претходно, Трамп најави воведување царини за Канада и за Мексико, но спроведувањето го одложи за еден месец.

 

Маја Стојанова