Македонија

Андоновски: Хибридни закани ќе има, важно е како институциите ќе одговорат

10.02.2025 16:47

Хибридни закани се пораките со предупредувања за поставени експлозивни направи што на електронските адреси ги добија училиштата во петокот, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министерствата за внатрешни работи и за образование и наука, како и општините, во текот на денот постапиле многу соодветно и оти последиците биле решени. Она на што се работи, додава тој, е утврдување на причините зошто тоа се случило...

Хибридни напади преку интернет ќе има и во иднина. Како држава мораме да се заштитиме со протоколи за постапување во случај на дојави за поставени бомби. Надлежните сè уште испитуваат кој е сторителот на последните дојави за поставени експлозивни направи во основните и средните училишта минатиот петок. Но, реакцијата на надлежните е далеку побрза во однос на сличните напади во минатото.

Младите ги демнат опасности и од предизвици на социјалните мрежи. Имавме десетина повредени по предизвикот „Супермен“ на Тик-ток, а за среќа, ниту еден не го прифатил последниот со земање големи дози парацетамол што може да предизвика и смрт.

Затоа, Министерството за дигитална трансформација пред две седмици доставило упатства со препорачани апликации за училиштата и родителите за спречување на штетните предизвици.

За намалување на штетните влијанија на интернетот кај учениците, превентивно во некои општини на сила е забрана за користење мобилни телефони за време на наставата.

Според статистиката, младите на возраст од 15 до 24 години во нашата земја користат интернет секојдневно.

Ирина Гелевска