Животен стандард

По бојкотот нема намалување на цените, граѓаните очекуваат заштита од државата

10.02.2025 16:39

Ниту вториот бојкот не донесе драстични промени во цените на производите во маркетите. Граѓаните се жалат дека се е скапо, но забележуваат и оти трговците често произволно одлучуваат колку ќе чини еден продукт, па така за иста работа можете да платите три различни суми во три различни продавници. Бараат власта да ги заштити, на владина седница утре ќе се разговара на оваа тема …

Ниту вториот бојкот не ги намали цените на производите во маркетите. Но освен тоа, граѓаните забележуваат дека цената на производот е произволна и зависи од самиот трговец, така истиот производ во три маркети има три различни цени. Но низ граѓанската призма, истиот производ чини скапо, поскапо и најскапо. Не веруваат во етика и емпатија на бизнисмените и затоа очекуваат властите да наметнат мерки и да вклучат инструменти кои ќе ги заштитат од самоволието.

И кафето стана луксуз. Ако пиете кафе во некое од скопските кафулиња ќе ве чини и до 150 денари. Според угостителите логично е поскапувањето со оглед на зголемените трошоци. За 5,8 отсто се поскапени угостителските услуги на годишно ниво.

Со профит од 25 до 40 отсто најголеми профитери се дистрибутерите увозници според извештајот на Пазарен инспекторат. Дали министерот за економија Дурмиши ќе ја извади одлуката за замрзнување од фиока или ќе се преземат други мерки ќе биде познато по утрешната владината седница на која ќе се разговара и за цените. Поголема транспарентност при формирањето на цените, демонополизација и зголемено домашно производство препорачуваат економистите.

Во 2024 година, маркетите оствариле приходи од 930 милиони евра и профит од 35 милиони евра.

Профитната стапка на сите маркетите изнесува 3,76%. За секои 100 денари кои ги трошиме во маркетите, во рацете на газдите завршуваат 3,76 денари како профит.

 

 

Александра Велинова