Иванов: Имаме енергија за многу нови потфати
02.08.2014 11:45
Во обраќањето претседателот порача да се чува мирот и соживотот и Македонија да се изгради во економски силна и развиена држава во која младите ќе имаат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства, земја на нови знаења и инвестиции и на повеќе работни места...

Славењето на првиот Илинден, неминовно е славење и на вториот и третиот македонски Илинден, зашто Илинден не е само Илинденското востание од 1903-та. Илинден е и државотворниот АСНОМ од 1944 и независна и суверена Република Македонија од 1991 година, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во Скопје.
Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода. Извор од кој се напојуваа генерации борци. Македонскиот народ никогаш не дозволи тој извор на слободата и самобитноста да пресуши или да биде заматен. Тој остана чист и непресушен симбол на нашиот непокор, нашата борба и нашата освоена слобода, рече претседателот на државата во обраќањето пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.
За првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Иванов рече дека е народен трибун и хуманист, граѓански демократ и морална совест на независна Македонија, кој храбро го застапувал правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Судењето на Ченто, рече тој, е и пресуда за АСНОМ, кој ги даде институциите и Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија и кој, додаде Иванов, и денес не обврзува дијалогот и соработката да ги водиме во институциите на државата.
Во обраќањето претседателот порача да се чува мирот и соживотот и Македонија да се изгради во економски силна и развиена држава во која младите ќе имаат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства, земја на нови знаења и инвестиции и на повеќе работни места.
По повеќе од 100 години сон за незвисност имаме 23 години независност. Ако можеме да кажеме дека сме имале континуитет на сонот за слобода, сега можеме да кажеме дека го имаме континуитетот на слободна, независна Македонија. Континуитетот е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има бури, но и тие ќе поминат. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Бидејќи македонскиот сон се оствари. И на крај, на овој свет ден ви порачувам: Имаме енергија за многу нови потфати, ја носиме одговорноста затоа што знаеме за хероите што ги дадоа животите за Македонија и затоа што мислиме на нашите деца, на нашата иднина, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во центарот на Скопје.
