Економија

На владина седница ќе се разгледува прашањето за високите цени, можни се мерки

11.02.2025 09:37

На денешната седница, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија треба да поднесат извештај, а можни се и мерки во однос на контрола на цените.

На владина седница денеска се очекува да се разгледа прашањето за високите цени на прехранбените производи и дали државата ќе преземе чекори за нивна контрола, по граѓанскиот бојкот за пазарење во маркетите изминатите две недели.

На денешната седница, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија треба да поднесат извештај, а можни се и мерки во однос на контрола на цените.

Државниот пазарен инспекторат заедно со Министерството за економија и труд ќе излезат во јавноста со одредени параметри. Ако тоа не се почитува од страна на системот, а тој започнува од производителите, дистрибутерите и ланците, тогаш како Влада ќе треба да преземеме поинаков тип на дефанзивни мерки за да го контролираме тоа, таму каде што е потребно. Оваа акција ќе биде проширена бидејќи не само супермаркетите или хипермаркетите, предмет на анализа ќе бидат и други економски оператори како аптеки, продавници за бела техника. Не може некои производи во соседните земји да бидат два – три пати поевтини отколку кај нас, а се работи за ист производ од ист производител и со иста царинска стапка, изјави неодамна премиерот Мицкоски.

Не ја исклучи можноста да бидат донесени мерки, иако, како што рече, се надеваат дека преку дијалог ќе се најде заедничко решение.

Податоците на УЈП покажуваат дека првиот петок од бојкотот, маркетите имаа намален промет за 46,59 отсто во споредба со вообичаен петок, додека минатиот петок прометот им беше намален само за 22,12 отсто.