Блиски Исток

Трамп гневен откако Хамас ја стопираше размената на заложници, се закани дека ќе предложи прекин на примирјето

11.02.2025 11:13

Хамас да ги ослободи сите заложници до сабота напладне или ќе се соочи со пекол, се закани американскиот претседател Трамп. Не одговори директно на прашањето дали тоа ќе значи и американска воена интервенција во Газа...

Прекинот на огнот на Блискиот Исток на стаклени нозе. Хамас да ги ослободи сите заложници до сабота напладне или ќе се соочи со пекол, се закани американскиот претседател Трамп. Не одговори директно на прашањето дали тоа ќе значи и американска воена интервенција во Газа. Од милитантната група велат дека заканите само ја комплицираат ситуацијата.

„Што се однесува до мене, ако сите заложници не бидат вратени до сабота во 12 часот, мислам дека е соодветно време – би рекол да се откаже примирјето и нека избие пекол. И мислам дека нема да го направат тоа. Мислам дека многу од заложниците се мртви. Сабота во 12, ги сакаме сите назад“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Хамас претходно го обвини Израел за кршење на договорот за примирје и објави дека ја одложува следната размена на заложници и заробеници планирана за в сабота. Израелскиот министер за одбрана нареди војската да биде на највисоко ниво на готовност во палестинската енклава. Премиерот Нетанјаху ја потврди заложбата на владата за искоренување на милитантната група.

„Гледаме очи во очи со американската администрација во суштинските работи што се на агендата на Блискиот Исток, исполнувањето на сите цели на војната. Тоа вклучува искоренување на Хамас, враќањето на сите наши заложници дома, ветувањето дека Газа повеќе нема да претставува закана за нашите граѓани на север и на југ, безбедно во нивните заедници“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Израелската војска соопшти дека 86-годишник за кого се сметало дека е жив и е во заробеништво на Хамас, бил убиен од милитантната група на 7 октомври 2023 година. По објавите за можно поништување на примирјето, демонстранти излегоа на улиците во Израел со блокади. Палестинците стравуваат за својата судбина.

„Луѓето се плашат. Денес почнаа да се складираат залихи од страв дека војната повторно ќе се врати. Нема сигурност, бидејќи секој пропуст во договорот води до враќање на војната“, изјави жител на Кан Јунис.

„Се плашиме од овие изјави дека ќе избие војна потешка од претходната. Здивнавме кога заврши војната со договорот и луѓето почнаа да се враќаат во своите домови“, изјави жител на Кан Јунис.

Хамас и Израел разменуваа заложници и палестински затвореници од 19 јануари во рамки на првата фаза од договорот за прекин на огнот постигнат со САД, Катар и Египет. Претходно шефот на Белата Куќа објави предлог за преселба на Палестинците во соседните земји, а управувањето на Газа да го преземат САД. Идејата наиде на остра осуда од Меѓународната заедница.

 

Маријана Димовска