Македонија

Едно лице загина, две се повредени во престрелка во Чаир

11.02.2025 11:24

Убиен син на поранешен функционер на ДУИ, двајца ранети во престрелка што синоќа се случила на потегот помеѓу Чаир и Бутел. Во инцидентот учествувале повеќемина. Има и приведени...

Еден убиен, тројца ранети и четворица уапсени е билансот од вооружената престрелка доцна синоќа во Чаир. Според МВР, престрелката се случила околу полноќ на паркингот пред продавница кај аутлет трговски центар во Топанско поле.

На Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ биле донесени двајца мажи со прострелни рани. Едниот бил без знаци на живот, додека другиот имал две прострелни рани и по интервенцијата е во стабилна состојба.

Убиениот во престрелката е Хебиб Буњаку, син на Екрем Буњаку, поранешен функционер на ДУИ и екс-директор на Државната техничка инспекција, а сега вработен во Општина Чаир.

Полицијата привела четири лица кои учествувале во престрелката. 39-годишниот Б.Б. бил уапсен во болницата, додека 22-годишниот Н.Д. подоцна бил приведен на подрачјето на Општина Чаир. Уапсени се и 41-годишниот Р.Р. и 28-годишниот К.Т.

Сите уапсени се задржани во полициска станица. По целосно расчистување и документирање на случајот, против сите уапсени ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Од Јавното обвинителство соопштија дека извршиле увид на местото на престрелката во која учествувале повеќе лица. Земени се докази и копија од видеонадзор, а телото на убиениот е дадено на обдукција.