Неизвесност и остри критики по одлуката на Трамп за воведување царини
Шефицата на Европската унија, Фон дер Лајен со остра критика. Рече дека унијата ќе возврати на неправедните царини. Воведувањето тарифи предизвика потрес и на другите континенти. Кинеската економија прва на удар...

Неизвесност и стравувања за текот на светската економија откако американскиот претседател Трамп ја спроведе одлуката за воведување дополнителни царини за целокупниот американски увоз за алуминиум и челик. Шефицата на Европската унија, Фон дер Лајен со остра критика. Рече дека унијата ќе возврати на неправедните царини. Вети цврсти и пропорционални контрамерки. Унијата не гледа оправување на наметнатите тарифи, тоа е контрапродуктивно, дециден и потпретседателот на Европската комисија.
„Во моментов го проценуваме обемот на мерките објавени преку ноќ и ќе одговориме на цврст и пропорционален начин со контрамерки. Ќе дејствуваме за да ги заштитиме нашите економски интереси. Ќе ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи“, изјави Марош Шефковиќ – потпретседател на Европската комисија.
„Ако САД не ни остават друг избор, тогаш Европската унија ќе реагира обединето. Како најголем пазар во светот, со 450 милиони граѓани, имаме моќ да го сториме тоа“, изјави Олаф Шолц – канцелар на Германија.
Воведувањето тарифи предизвика потрес и на другите континенти. Кинеската економија прва на удар откако Трамп воведе дополнители царини од 10 насто за целата увозна стока од оваа земја, а новите тарифи за алуминиумот и челикот дополнително ја усложнуваат состојбата. Реномираниот економски тинк-тенк во Јужна Кореја, пак, по вторпат ја намали прогнозата за економски раст на земјата по воведувањето тарифи.
„Тешко е да се дадат конкретни бројки бидејќи во моментов е тешко да се прецизира точното сценарио. Но, бидејќи нашиот извоз на полупроводници е значителен, економското влијание би било големо доколку тој сектор добие удар“, изјави Јунг Кјучул – раководител на Институт за развој во Јужна Кореја.
„Мислам дека не е реално Вашингтон да очекува дека нема да има одмазднички мерки од Пекинг. На крајот на краиштата, ова се одмазднички тарифи“, Јон Гонг Јион – професор на универзитетот за економија и бизнис во Пекинг.
Трамп воведе тарифи од 25 проценти за алуминиумот и челикот, како и реципрочни царини за земјоделски производи, со изговор дека тоа ќе им даде шанса на локалните производители да се ослободат од глобалната конкуренција. Тој воведе слични тарифи и во првиот мандат, но потегот не влијаеше значително во подобрувањето на американската економија.
Маја Стојанова
