Транспаренси Интернешнл

Корупција: Македонија со пад од 12 места

11.02.2025 16:15

Неказнивоста на високата корупција, неажурноста на Обвинителството, скандалите во Судскиот совет и во Академијата за судии и јавни обвинители, игнорирањето на иницијативите на Антикорупциска – ова се факторите кои ѝ пресудија на Македонија која падна за 12 места во мерењето на перцепцијата за корупцијата...

Пад од 12 места, Македонија назадува во борбата против корупцијата. На скалата на којашто се рангирани 180 држави, нашата земја се најде на 88-то место. За да се смета дека сериозно се бори против корупцијата, државата треба да оствари најмалку 50 поени, а Македонија има 40.

Овој резултат, како што велат од Транспаренси Интернешнл е последица и на скандалите во кои беа вмешани судиите Наќе Ѓорѓиев и Лазар Нанев како и Иџет Мемети, член на Советот на јавните обвинители.

По објавените резултати, премиерот Мицкоски со реакција – со сите скандали на претходната власт, логичен е падот на индексот на корупцијата, но додава дека е тоа добра основа за да се следи понатаму состојбата. СДСМ, пак, одговорноста ја лоцира во актуелната Влада, која според нив за 8 месеци успала да ја доведе земјава до најслабата позиција по последните пет години.

 

Анита Димитријевска – Велковска