По последните дојави за поставени бомби во училишта, изготвено е упатството за постапување
По последните дојави за поставени бомби во училишта, изготвено е упатството за постапување. Тоа наскоро ќе биде доставено до сите училишта. Се затегнува и користењето мобилни телефони за време на наставата...

Упатство како да се постапува во случај на хибридни закани деновиве ќе биде доставено до училиштата. Веќе е подготвено од Министерството за дигитална трансформација, а МОН во него додава правила и препораки кои треба да се следат при дојави за поставени експлозивни направи. Апел до училиштата да ги користат официјалните меил – адреси, сепак сериозно ќе се земаат предвид и заканите што стигаат од приватни адреси.
„Кога имаме сајбер напади на државата, тоа вообичаено се случува кај оние мејлови кои не се доволно заштитени. Ние велиме дека постои заштита на мејловите од МОН односно на мејловите од државата. И тогаш кога ги користиме нив, ние сме најбезбедни. Доколку се случи и на некој друг мејл училиштето да добие закана, процедурата од МВР е позната и ќе биде постапено, и секогаш ќе се постапува така“, изјави Весна Јаневска – министер за образование и наука.
Минатата недела во училиштата низ земјава стигнаа 240 лажни дојави за поставени бомби. Формиран е кризен штаб за подобрување на кибербезбедност. Има препораки во училиштата да за постават камери и да се ангажира обезбедување.
Хибридните напади и минатонеделните лажни дојави на бомби во училиштата го вклучија алармот на институциите, како да се намали ударот врз образованието. Надлежните уверуваат дека се подготвува долгорочно решение за проблемот.
Во училиштата во Центар и Аеродром, наставата се следи без мобилни телефони – министерката согласна дека на овој начин, учениците се повеќе фокусирани на наставата.
Андријана Ѓурческа
