Иванов: Илузија е да се бара одговор на македонското прашање, без Македонија и Македонците
70 години АСНОМ, 111 од Илинденското востание. Со цвеќе пред споменикот на Карев и президиумот на АСНОМ во центарот на Скопје почна овогодинешното чествување на денот кој ја симболизира желбата за самостојнот. Иванов испрати празнична порака...

Два завета, две сериозни пораки за секој оној што ја сака Македонија. Наследството од илинденците го пренесе шефот на државата Иванов. Првиот завет е да ја чуваме Македонија. Вториот е да ја направиме побогата и просперитетна.
Некои се уште одбиваат да поверуваат дека Македонија е реалност на Балканот и во Европа. Го негираат јазикот, идентитетот, правото да постоиме, да бидеме она што сме биле. Живеат во илузии и бараат одговор на прашањето кое е одговорено на 8-ми септември 91 година, рече претседателот Иванов на чествувањето на Илинден.
„Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода. Извор од кој се напојуваа генерации борци. Македонскиот народ никогаш не дозволи тој извор на слободата и самобитноста да пресуши или да биде заматен. Тој остана чист и непресушен симбол на нашиот непокор, нашата борба и нашата освоена слобода“, рече претседателот Иванов.
Иванов се поклони пред споменикот на Ченто. Потсети на најголемите придобивки од АСНОМ – кои 70 години тлеат како симболи за суверенитетот на македонската држава. Со цвеќе за историскиот великан кој никогаш не прифаќал директиви, Иванов потсети дека и по цена на слободата и животот Чентов и сличните на него секогаш се бореле само за интересите на нашиот народ.
„АСНОМ ни ги даде институциите, во кои се носат одлуки, институции преку кои се остварува волјата на граѓаните, во кои се води политички дијалог. АСНОМ и ден-денес нè обврзува дијалогот и соработката да ги водиме во институциите на државата“, нагласи претседателот Иванов.
Патот продолжува со економски силна и развиена Македонија, држава во која младите добиваат квалитетно образование, работа и услови за да основаат семејство и потомство, потенцира нашиот претседател. Побара тимска работа за соочување со предизвиците, за нови знањеа, нови технологии и инвестиции, за отворање пазари за домашните производи и со тоа да се обезбеди поквалитетен живот за сите во Македонија.
Анита Димитријевска
