Економија

Мерки за високите цени, ограничување на маржите до крајот на април

12.02.2025 09:10

Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април, а ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, како и детергентите и бебешката храна.

По порастот на цените на основните прехранбени производи и граѓанските бојкоти што беа организирани во изминатите две недели, Владата донесе одлука да ги ограничи маржите во трговијата на мало до 10 проценти и исто толку и во трговијата на големо.

Ограничувањето на маржите ќе трае до 30 април, а ќе бидат опфатени основните прехранбени продукти, како и детергентите и бебешката храна. Министерството за економија ќе разгледува дали покрај оваа мерка, ќе има потреба да се носат и дополнителни кошници. Препорака до маркетите е да ги објавуваат цените на нивните производи и на дневна основа редовно да ги ажурираат.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најавува дека најдоцна до утре ќе биде доставена Предлог-одлуката за ограничување на маржите. Ќе бидат опфатени производите од есенската потрошувачка кошничка надололнети со непрехранбени производи кај кои се забележани високи маржи.

Ќе има околу 100 групи на производи. Ќе се додадат и непрехранбени производи затоа што анализата на Државниот пазарен инспекторат покажа дека има вакви производи каде е зголемена маржата. Со одлуката ќе бидат опфатени и двата големи празника - Велигден и Рамазан, изјави вчера Дурмиши.

Најави дека денес или утре ќе се одржи и состанокот со надлежните институции на кој ќе се разговара за мерките коишто би имале подолгорочен ефект.

Извештајот на Државниот пазарен инспекторат покажа дека кај трговците на мало утврдено е дека имало над 20 проценти маржа на основните прехранбени производи и над 30 проценти маржа кај средствата за лична хигиена. Кај увозниците дистрибутери утврдени се повисоки маржи кои оделе дури и до 50 проценти.