Министерот Мисајловски во Брисел на состаноците на Северноатлантскиот совет на ниво министри за одбрана
Министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво министри за одбрана...

Денеска и утре, министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе учествува на состаноците на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво министри за одбрана. Во Брисел денеска министерот ќе учествува на состанокот на Контакт-групата за Украина, за прв пат предводена од Обединетото Кралство.
Во текот на утрешниот ден, министерот Мисајловски заедно со колегите-министри за одбрана на сојузничките земји ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО каде ќе стане збор за широка лепеза на теми – од зацврстувањето на одбраната и одвраќањето на Алијансата и целите на способности, до инвестициите во одбраната и засилување на одбранбената индустрија.
Состаноците ќе завршат со неформален состанок на Советот НАТО – Украина, на кој освен сојузниците учество ќе земе и високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас.
